Сјајните бакарни садови и предмети му даваат посебен шарм на ентериерот. Денес се знае за овие садови дека не се најпожелни за подготовка и служење на храната бидејќи природните киселини ги нагризуваат, при што штетните хемикалии на тој начин се внесуваат во нашиот организам.
Сепак, тие и понатаму се чуваат како украс од традицијата, особено ако се работи за рачни изработки на занаетчии.
Чистењето на бакарот е едноставно и не бара тешки хемикалии и силни фабрички средства за чистење. Доволно е парче лимон, кое ќе се натопи во сол, а потоа добро да се истрие. После ова исперете го со топла вода и избришете го со сува крпа.
За гланцање на бакарот може да се употреби и кечап.
После подолго време на изложување на воздух на бакарните предмети се јавува зеленкава патина чија појава може да се спречи со редовно гланцање. Земете мека крпа и натопете ја со смеса од лимонов сок и сол. Втријте ја смесата на патината, а после некое време темелно исперете со топла вода. Избришете го добро садот и гланцајте со мека крпа додека уште предметот е топол.
За отстранување на патината во непристапните делови може да послужи стара четка за заби.
Патината може да се отстрани со помош на 2 децилитри алкохолен оцет во кое се става мала лажичка сол. Смесата се промешува, во неа се потопува бакарниот предмет и се остава 24-48 часа.