Честопати при бојадисувањето, и покрај сите мерки на заштита, се случува да се направат дамки од бојата.
Сувите дамки на ткаенините после бојадисувањето најлесно ќе ги исперете со топла вода со триење со четкичка. Ако не успеете на тој начин, дамката натопете ја со алкохол, па остружете ја. Доколку станува збор за тепих, не ја тријте дамката туку со тап нож полека вадете ја во правец на ткаењето.
Од плочите и радијаторите свежата боја избришете ја со влажна крпа, а исушената може да ја истругате со жилет, но претходно попрскајте ја со средство за чистење на стакло за да омекне бојата.
За заштита на одредени делови од мебелот креп лентата е добро решение, но отстранете ја веднаш после бојадисувањето. Доколку бојата се исуши, одлепувањето ќе оди потешко.
Боите на водена база од четката ќе ги исперете со млаз вода, а боите на маслена база најлесно ќе ги исчистите со раствор на база на парафин.