Кората од портокал може да се искористи за различни намени во домот, па наместо да ја фрлите, може да пробате некој од овие совети.
За чистење
Дамките од вода кои се создаваат на чешмите може едноставно да ги отстраните ако ја исполирате чешмата со внатрешноста на кората од портокалот.
Со белиот дел од портокалот може да го исполирате и стариот дрвен мебел и да му го вратите сјајот.
Направете средство за чистење така што корите од портокал ќе ги ставите во една тегла и ќе ги прелиете со алкохолен оцет. Оставете ги неколку недели, па потоа процедете ја течноста, ставете ја во шише со распрскувач и користете ја за чистење на кујната, бањата, подовите или прозорците.
Во домаќинството
Мравките, молците и комарците не ги сакаат некои од состојките кои се пронајдени во кората на портокалот, па ќе ги избркате ако ставите кора на местата од каде што мислите дека доаѓаат.
За да направите средство за освежување на просториите корите од портокал исушете ги во рерна, сомелете ги во блендер и ставете ги во мали платнени вреќички. Може да ги обесите во бањата, плакарите...
За отстранување на непријатниот мирис на чевлите ставете кора од портокал во платнена кесичка, заврзете ја и ставете ја преку ноќ во чевлите. Кората ќе го впие целиот непријатен мирис од чевлите.