Во рамките на чистењето на домот, потребно е да се одвои време и за чистење на техниката која ја има во него. Овие уреди честопати може да бидат и многу осетливи, па затоа, препорачливо е пред нивното чистење, внимателно да се прочита упатството за употреба и одржување. Неправилното чистење може да предизвика оштетување на уредот кое нема да биде опфатено со неговата гаранција.
Кога зборуваме за телевизорите, постарите телевизори одлично се чистат со средства за чистење на стакло. Од друга страна, поновите модели имаат почувствителен екран, па затоа се препорачува чистење само со влажна памучна крпа. Генерално, кога станува збор за екрани (на телевизор или компјутер), сите треба прво да се пребришат со сува крпа за да се собере прашината.
Кога станува збор за LCD екраните, треба да се употребуваат крпи од микрофибер или од стопроцентен памук. За симнување на дамки може да се стави и една капка оцет во навлажнета крпа, а потоа екранот треба нежно да се пребрише. Никако немојте силно да го притискате бидејќи постои опасност да се оштети екранот. Доколку употребувате средства за чистење за таа намена, нанесувајте ги на крпата, а не директно на екранот, бидејќи постои можност да продрат во него и да го оштетат. За чистење на екраните, избегнувајте ги хартиените марамчиња, бидејќи може да создадат гребаници.
Надворешните делови на ДВД и ВХС уредите, видеокамерите и сл. најдобро ќе ги исчистите со мешавина на вода и алкохол во сооднос 60/40, при што е важно за време на чистењето уредите да бидат исклучени и да не се вклучуваат сè додека течноста целосно не се исуши.
Кога станува збор за телефоните, при чистењето најдобро е да се исклучат и да се извади батеријата, а потоа да се премине на чистење. Налесно може да се чистат со влажни марамчиња, додека за дезинфекција треба да се употреби мешавина на вода и медицински алкохол.