5 чекори за уредување на гаражата
Гаражата најверојатно е најнеорганизираниот дел од куќата. Автомобилот не е единствената работа која може да се затекне таму. Понекогаш гаражата е и склад за алат, бои за ѕидови, железарија, кутии со стара облека и стари рекети за тенис. Во тој случај, вашата гаража се претворила во складиште.
Треба да знаете дека во гаражата ќе ослободите 30-40% повеќе простор само ако добро ја организирате. Уредената гаража може да биде многу корисна за чување на разни предмети, но просторот нема максимално да го искористите ако гаражата ви е во хаос.
Не грижете се! Еве 5 лесни чекори за уредување и организација на гаражата :
Групирајте ги сличните предмети
Важно е да ги издвоите сите предмети во гаражата. Групирајте ги сличните предмети – спортска опрема, алат, стара облека, делови на мебелот. Откога ќе ги распоредите, ќе видите колку простор всушност имате. Размислете кои работи треба да ги изфрлите, а кои ви се за на таван или подрум.
Направете место за сезонските работи
Добро би било да поставите посебна полица или ормарче во кое може да ја држите опремата и алатот за кои сте сигурни дека ќе ви требаат само во одреден период од годината. На тоа место држете ја лопатата за снег, средствата за одмрзнување и стругалката за снег. Тука може да се додаде и опремата за зимските спортови, сноуборди итн. Од друга страна работите кои ги користите во лето, како маски за нуркање, топки за плажа спакувајте ги во друг ормар. Ова ќе ви помогне полесно да ги најдете работите во секој период од годината.
Направете полици и ормарчиња
Размислете за поставување на нови полици и ормарчиња на ѕидовите. Ова ќе ви помогне за максимизирање на просторот. Треба да создадете простор во кој лесно ќе дојдете до работите кои често ги користите или само понекогаш. Нема потреба да го губите времето во барање на скриените предмети во гаражата.
Определете си место за работилница
Ако често поправате или изработувате нешто, може во гаражата да направите мала работилница. Може да ставите маса и клупа која ќе ја користите при изработување или поправка на нешто. Ова е добар начин за искористување на просторот во гаражата. Овој простор направете го достапен до алатите или често користените предмети, како што се шрафцигерите и чеканот.
Кантата за отпадоци сместете ја блиску до гаражата
За да лесно се отарасите од ѓубрето, држете ја кантата за отпадоци во близина на гаражата, особено ако сте тип кој ги чува работите само поради тоа што кантата е "предалеку". Така секогаш кога ќе најдете непотребен предмет, лесно ќе се ослободите од него.