
Ова растение е познато ширум светот, а еден од неговите сродници е и папирусот.
Бидејќи потекнува од мочуришни подрачја, ја сака водата, и единствен услов за
успевање на ова растение е секогаш мокриот корен.
Во народот го викаат и “чадор” поради листовите кои растат како зраци на врвот на
стеблото. Се јавуваат и мали кафени цветови како клас. Може да порасне до еден
метар во висина.
Треба да го ставите на светло место, бидејќи на сенка ќе расте полека и стебленцата
ќе бидат помали и ретки. Може да го чувате на отворено, но на почеток на есента
внесете го внатре бидејќи не би требало да биде изложено на температура пониска од
10°С. Чувајте го подалеку од извори на топлина (радијатор, печка...).
Во подлошката треба секогаш да има вода за да не се исуши коренот. Ако е без вода,
набрзо ќе пожолтат и листовите.
Од април до септември прихранувајте го на секои 2 седмици со течно ѓубриво, а во
периодот на мирување еднаш месечно.
Не го садете во многу големи саксии бидејќи повеќе му одговара да биде “во тесно”.
Се размножува со делење на коренот и од стебло. Одрежете го стеблото на чиј врв
цветовите прецветале, скратете ги листовите на половина од нивната должина и
“чадорот” ставете го вода во која сте ставиле парче јаглен така да стеблото биде
нагоре. Садот со вода чувајте го на светло место, а водата менувајте ја на секои
5 дена. Млади растенија ќе се појават на базата на листовите. Кога ќе пораснат 4-
5 ливчиња пресадете ги во мала саксија, залејте ги, не заборавајте на водата во
подлошката, па отсечете го старото стебло.
Ако ви се случи растението во текот на зимата да пропадне од премногу ладно,
пробајте да го оживеете на овој начин. Одрежете ги сосема овенатите стебленца,
ставете ја саксијата во вода, и ако е на топло растението би требало да се разбуди.