
Магнолијата потекнува од Северна Америка, а постојат повеќе од 120 видови на ова прекрасно украсно дрво. Има раскошни цветови најчесто во бела, розова или виолетова боја, големи од 15-30 cm и со опоен мирис, а во зависност од видот, почнува да цвета од март. Листовите се кожести, големи, сјајно зелени и излегуваат после цветовите.
Најмногу и одговара место на полусенка. Има плиток корен, па внимавајте да не го повредите кога ќе ја одржувате градината, а за да го заштитите ставете слој малч околу стеблото. Не садете други растенија во нејзина близина за да има доволно место да се развива, а и да дојде до израз нејзината убавина.
Се размножува од семе, со резници и со легнати гранчиња, но најдобро е да набавите веќе закоренета садница бидејќи процесот е долготраен и тешко успева во домашни услови. Најдобро е да ја посадите во пролет.
Успева на богата, растресита почва која задржува влага. Во зима треба да ја заштитите од мраз и ладните ветрови. Прихранувајте ја еднаш годишно со ѓубриво кое нема вар. Еднаш годишно додадете и кисела земја на веќе постоечката (кисела земја главно се наоѓа под борови).
Полевајте ја редовно во првите неколку години по садењето, а потоа само во лето. Треба да се кастри за да го задржи убавиот облик, а резовите се премачкуваат со калемарски восок.