
Герберот потекнува од Африка, Северна Америка и тропските предели на Азија, а расте како грмушка со висина од 20-40 cm. Постојат околу 100 видови од кои 30 растат како самоникнати во природата, а освен во стакленици како режено цвеќе, се одгледува и герберот за во градина и минијатурниот (Gerbera jamesonii) кој се одгледува како собно растение.
Минијатурниот собен гербер цвета со многу големи цветови во однос на неговата височина, а со своите јаки бои ќе ви го разубави домот. Цветовите може да бидат жолти, портокалови, бели, розови, црвени... Поставете го на сончево и топло место, но не на директни сончеви зраци за да не се оштети.
Во лето обилно залевајте го, но водете сметка земјата да не стане премногу влажна бидејќи коренот може да почне да трули. Отпорен е на високите температури. Во зима залевајте го многу малку, само да не се исуши земјата целосно и чувајте го на температура од 10°С.
Цвета од мај до септември, а животниот век му е 4 години. Прецветаните цветови редовно кинете ги за да има доволно хранливи материи за нови млади цветови. Листовите повремено оросувајте ги и прихранувајте го на секои две недели, особено додека цвета, па се до зимата.
Се размножува со делење на коренот или од семе, а најдобро време за размножување е пролет. Ако го делите коренот, пресадете го растението во земја која треба да содржи малку тресет и песок. Обилно ставете вода и ставете ја саксијата на сончево место. Семето посејте го во саксија со супстрат или квалитетна земја и тоа на температура повисока од 15°С. Очекувајте млади растенија за околу 2 недели.