
Ова е најверојатно најшареното собно растение. Листовите се шарени,
со обоени лисни жили, или имаат флеки, точки или недефинирани шари.
На листовите може да ги најдете сите нијанси на зелената боја (од темно
зелена до жолта), портокалова, бакарно црвена... Освен тоа, листовите
може да имаат и различни облици. Тие може да бидат тесни, долги,
заоблени, назабени, длабоко изрежани, како копје... Навистина голем
спектар на бои и облици.
За да го задржите шаренилото, растението мора да го ставите на многу
светло место. Може да биде и на директно сонце, но внимавајте да не
го оросувате кога е најјако сонцето бидејќи ќе останат кафени флеки на
листовите.
Кротонот сака влага, така да морате редовно да го полевате, но не
смеете да дозволите да остане вода во подлошката. Секогаш истурете ја
вишокот вода петнаесетина минути по залевањето. Во лето залевајте го
секој трет ден, а во зима на секои 5-6 дена.
Од средината на пролетта, па до крајот на есента, прихранувајте го на
секои две седмици.
Ако растението е многу пораснато или стеблото е останато без долните
листови, може да го изрежете на средината на пролетта и тогаш ќе
пушти нови, млади гранки.
За размножување користете резници од врвот долги барем 10 см и со
два пара листови. Резницата изрежете ја точно под вториот пар листови,
отстранете ги, и забодете ја во земја. Младото растение чувајте го на
светло, топло и влажно место
Кротонот не сака ладно и големи температурни разлики. Затоа во зима
чувајте го во простории каде нема големи температурни разлики и
температурата нема да биде под 12°С. Ако не му е преладно, ќе живее
многу долго.