
Брахискомата е градинско цвеќе кое ја краси градината во периодот од јули до септември. Потекнува од Австралија и е дел од фамилијата Asteraceae.
Има полувисечки цветови со долги ластари кои достигнуваат 30-35 сантиметри, па погодна е и за садење во висечки градини. Таа е исклучително декоративна и може да ја разубави градината со сините, пурпурните, виолетовите или белите мирисни цветови.
Најдобро е да се размножува со семе кон средината на март до средината на април, на место умерено топло, со температура 20-22°C. Откако ќе порасне, може да се стави во поголем сад и на крај да ја пресадите кон средината на мај до крајот на јуни. При садењето треба да се направи растојание од дваесетина сантиметри. Најпогодно за ова растение е сончево место или место во полусенка.
Кога ќе се најде идеалното место за неа, треба да се полева рамномерно и умерено, за да земјата биде одржувана постојано влажна. На секои 15 дена додавајте ѓубриво за цвеќе. Прецветаните цветови треба да се отстрануваат.