
Морската сардела е брзорастечки траен ползавец, со потекло од морските брегови на Јужна Америка. Може да се одгледува во градина или во плитки висечки жардиниери. Стеблото на растението пушта корен и во допир со земјата лесно се закоренува. На тој начин се шири и создава густа, компактна целина.
Листовите се зелени со овален облик, а цути преку цело лето и има ситни цветови со ѕведест облик, во боја од розова, црвена, па сè до виолетова, во зависност од сортата.
За нејзино презимување минималната температура треба да изнесува 7 Целзиусови степени. Растенијата кои се засадени надвор треба да се внесат во светли простории. Добро поднесува високи темепратури, а ако го нема сонцето изостанува цутењето.
Морската сардела се залева само кога земјата целосно ќе се исуши бидејќи не сака премногу вода. Залевањето треба да биде пообилно, па се чека до ново залевање откако ќе се исуши земјата. Таа ја складира водата во месните листови.
Во зима треба да се стави на постудено место и залевањето да е поретко. Нема потреба возухот или таа да се овлажува (прска), а премногу влажен воздух или земја доведува до нејзино трулење.
Пожелно е на пролет да се посади во нов супстрат, при што нема потреба за понатамошно посебно ѓубрење. Ако се наоѓа во жардиниера со некое друго растение, ѓубривото за тоа растение ќе биде доволно и за морската сардела.
Ако сакаме да расте и преку зима, треба на есен, пред крајот на периодот на активно растење, да се пресади во саксија за да има доволно време да оформи коренов систем до зима, односно до внесувањето во соба.