
Ова растение многу наликува на антуриум, но е полесно за одгледување. Има сабјести листови кои се шират од луковицата. Во текот на летото има бели цветови на долги стебла кои траат долго, па така може да ги употребите и како режено цвеќе во вазна. Пред да почнат да венат ја менуваат бојата од бела во зелена. Кога ќе свенат, задолжително треба да се одрежат при дното на стеблото, а треба да се отстранат и оштетените и свенати листови.
Постојат два вида:
- низок (Spathiphyllum wallissi) кој е висок до 30 cm, но може да израсне и во бујна и широка грмушка;
- висок (Spathiphyllum Mauna Loa) кој има многу висечки листови и цветови и висината може да му достигне и до еден метар.
Ставете го на светло место, но во лето внимавајте да не е изложен на директно сонце бидејќи ќе се појават грди дамки на листовите, па истите ќе треба да се исечат.
Ова растение ја сака влагата, па така ужива кога го прскате со вода. Тоа редовно мора да добива вода. Зиме на секои 5-6 дена, а во лето отприлика на секој трет ден. Најсигурен начин да проверите дали треба да се полее земјата е да ја испипате – доколку е трошкеста, полејте ја. Одржувајте ја влажноста така што во подлошката ќе ставите камчиња; ако саксијата е во украсна вазна, ставете тресет или песок во меѓупросторот, но не дозволувајте да “плива” во вода.
Лете, додека цвета, задолжително на секои две седмици прехранувајте го со вода во која сте додале течно ѓубриво, а во зима намалете на еднаш месечно, бидејќи во текот на годината може двојно да порасне. Поради ова пожелно е секоја година да се пресади во поголема саксија, но не во преголема, туку само за еден број поголема.
При пресадувањето лесно може да ја поделите луковицата. Земете ги деловите на кои има барем 2-3 листови. На тој начин ќе добиете нови, силни, млади растенија.
Ако спатифилот не ви цвета, прихранете го, ако веќе не сте го направиле тоа подолго време. Исто така, проверете дали можеби саксијата му е премала, па овозможете му поголема удобност.