
Ова растение потекнува од Латинска Америка каде расте слободно во тропските шуми. Расте како грмушка, и тоа многу брзо, а достигнува висина и до 8 m. Родот Lantana има речиси 150 видови растенија со копјести назабени листови и ситни цветчиња групирани во грозд.
Кај нас се одгледува како трајно растение ако во зима не е изложено на температура помала од 5 степени. Познато е како медоносно растение, па затоа го одгледуваат многу пчелари. Цвета од пролет до првите мразеви. Цветовите се со големина од 5-6 cmво жолта, розова, виолетова или бела боја, еднобојни или шарени. Бојата на цветовите може да се менува со созревањето на растението, па на исто стебло може да има повеќе цветови во различни бои. По прецветувањето останува грозд со бобинки – плодови, кои личат на капини, а во кои има семе.
Посадете го на место со многу сонце за да цвета пообилно. Сака многу влага, но водата не би требало да се задржува околу коренот. Ако има недостаток на вода ќе има свенат изглед, а ако сте претерале со полевањето ќе почне да ги отфрла листовите. Во сушен период кога се температурите многу високи полевајте го и неколку пати дневно.

Прихранувајте го еднаш месечно во периодот на вегетација со ѓубриво растворено во вода, но знајте дека не сака претерано прихранување. Пресадете го кога саксијата ќе му стане мала. Кастрете го на пролет, пред почетокот на вегетацијата. Скастрете го за 1/3, а новите изданки пинцирајте ги по третиот или четвртиот лист за да добиете убаво обликувана грмушка.
Најуспешно се размножува со резници, кон рајот на април. Резниците ставете ги во мешавина од еднакви делови на тресет, хумус и песок и оставете да се закоренат на температура од околу 20°С, па потоа пресадете ги. Може да се размножува и со семе.
Во зима внесете го внатре, било во светла или темна просторија. Избегнувајте само да е на суво место со топол воздух бидејќи тоа се идеални услови да биде нападнато од лисни вошки или бели мушички. Полевајте го само колку да не се исуши земјата. Ако се случи во зима да ги отфрли листовите, на пролет ќе има забавен раст.