
Кај ова растение цветовите во облик на труба се јавуваат од средината на пролетта, па сè до доцна есен, а можат да бидат бели, жолти, портокалови, розови или црвени. Цветовите не траат долго, но се во голем број и секогаш цветаат нови, а во контраст со темнозелените листови привлекуваат исклучително внимание. Растенијата треба да се стават на светло место, но без директно силно сонце, што би значело на источен или северен прозорец. Внимавајте да не го ставате хибискусот на провев бидејќи тоа ќе предизвика отпаѓање на пупките.
Во периодот на цветање потребно му е доста вода, па затоа во лето треба да се залева секој втор ден, но не дозволувајте да остане водата во подлошката бидејќи коренот ќе почне да гние. Вишокот на вода одлејте ја после 15 минути залевање. Ја сака влагата, па ќе му годи секојдневно оросување со млака вода. Во текот на зимата ќе биде доволно да се залева после 5-6 дена и не е потребно да се прска.
Од пролет до есен еднаш седмично прихранувајте го, доколку растението е постаро и погусто, а ако е младо после две седмици додајте во водата течно ѓубриво наменето за растенија што цветаат.
Хибискусот во тек на годината знае и да го удвои свој пречник, па затоа мора секоја пролет да го пресадувате. Немојте веднаш да го пресадувате во голем сад, туку секоја година само во поголем, бидејќи стеснувањето на корените го поттикнува цветањето. За да биде густ со многу млади фиданки потребно е пред пресадувањето, во рана пролет да се обреже. Се препорачува да се одреже половина должина од ластарот кој премногу пораснал во мината година за да хибискусот остане густ и со убав облик на грмушка.
Се размножува прилично едноставно со резници кои се добиени со обрежувањето. Нека бидат подолги од 10 сантиметри и нека имаат по два пара ливчиња со врвот. Забодете ги во земја и држете ги на топло и светло место. Резниците закоренети во пролет цветаат кон крајот на летото.