
Според фенг шуи, источниот дел од домот е сектор на здравјето. Неговиот симбол е дрвото, кое може да биде претставено со растенијата. Бојата која одговара на овој сектор е зелената, а исто така поволно влијае и сината, бидејќи во продуктивниот циклус на елементите водата го создава дрвото.
Во овој дел од домот поволно е да се постават повеќе растенија, освен ако станува збор за спална или детска соба. Тоа не треба да бидат растенија со шилести листови или цветови. Освен саксиско цвеќе може да постават и слики со дрва. Вазна со цвеќе или сад со вода во која ќе пливаат цветови подеднакво е ефикасна како и собната фонтана. Важно е да се води грижа за растенијата за да бидат здрави, а водата во вазната или фонтаната да биде свежа.
Што се однесува до водата има неколку работи на кои треба да се внимава. Таа не треба да е поставена во спална или детска соба, таа никогаш не треба да стои позади грбот, дури ни на слика, не смее да биде устоена, не треба да биде под скали или од десна страна од влезната врата, гледано од внатре кон надвор.
Во источниот сектор не треба да се претерува со водата . Тука треба да доминира зелената боја и растенијата. Водата може и симболично да биде присутна со некој син детал.
Постојат одредени растенија кои се сметаат за исклучително поволни за источниот сектор. Тоа пред сè се жолтите хризантеми, а тука се вбројуваат и жолтата магнолија, божури во сите бои, орхидеи и сливовиот цвет.
Според фенг шуи, источниот сектор во спалната соба треба да се активира доколку некој е болен и притоа не се користат растенија, туку првенствено зелената боја која симболизира здравје и долговечност.