Боите, површините и формите во станбениот простор на човечкото око делуваат различно во зависност од видот на осветлувањето (било да е природно или вештачко). Квалитетот на осветлувањето значително допринесува за севкупниот амбиент во домот. Притоа при планирањето на осветлувањето треба да се земе предвид и природното и вештачкото осветлување. Пред да се испланира осветлувањето, односно пред да се постават расветните тела треба да биде дефиниран ентериерот и распоредот на покуќнината. Ова особено важи за кујната, каде осветлувањето е директно поврзано со одредени активности. Треба да се земе предвид и надворешното осветлување, т.е. осветлувањето пред куќата, пред влезната врата, гаражата итн.
Поставувањето на електричните и расветни инсталации, како и на расветните тела треба да го изведува квалификуван електричар. Односот на светлото и на сенките истотака игра важна улога при осветлувањето на просториите. Рамномерно осветлената просторија, која има малку сенки, или онаа каде воопшто нема сенки брзо станува здодевна, а престојот во неа може да биде дури и заморен.
Структурата и бојата на осветлената површина се менуваат во зависност од јачината и видот на изворот на светлина, како и од аголот под кој паѓа светлината на неа. На пример, структурата на ѕидот не се забележува доколку тој е осветлен со директна, силна светлина, за разлика од ситуација кога е осветлен од косо, од страна на расветно тело поставено на таванот. Во ист случај, и бојата на осветлената површина се менува, а за тоа дополнителна улога игра и јачината на осветлувањето и видот на светилката.
Купувајте расветни тела кои одговараат на стилот на просторијата, кои имаат долг век на траење, кои лесно се одржуваат и кои се едноставни за ракување. Притоа треба да се планира осветлувањето за секоја просторија посебно.
Шемата на осветлување треба да ги истакне најубавите детали во домот, а да ги сокрие недостатоците. За добро осветлување се смета она осветлување кое ќе го направи вашиот дом поголем, почист, потопол и посветол, односно осветлување кое може да го следи вашиот природен биоритам и специфичните потреби, а и кое ќе се прилагодува на различните временските прилики. Од друга страна, неправилното осветлување може да предизвика проблеми како губиток на концентрација (во работната или детската соба), главоволки или болка во очите, и сл.
Најдобар додаток на секој ентериер е природното светло чиј квалитет зависи од ориентацијата на домот според страните на светот :
• Ентериер свртен кон северна страна:
Светлото во ваков простор е остро и студено, бидејќи сончевите зраци не паѓаат директно во просторот. Во вакви простори доброто осветлување е најпотребно.
• Ентериер свртен кон источна страна:
Просторот добро е осветлен наутро, а после се присутни долги сенки, како и многу рано губење на директното сончево осветлување. За да го зголемиме количеството на употребливо светло, таквите простори потребно е да ги опремиме со добро вештачко осветлување.
• Ентериер свртен кон јужна страна:
Таков простор поседува топло светло во тек на целиот ден, иако неговиот интензитет се менува во текот на денот, како и во годината. Попладневната светлина обично е толку силна да привидно го намалува волуменот на предметите во просторот. Такви простори се најдобри за кујни, дневни соби и други простории во кои проминуваме најголем дел од времето.
• Ентериер свртен кон запад:
Проблем кај овие простори е што имаат најмногу светлина во најтоплиот дел од денот, па поради тоа повеќето предмети во ентериерот имаат многу јак одблесок. Предност на овие простори е што во предвечерните часови имаат многу пријатно, меко светло и долги сенки.
Денес сите недостатоци на природното осветлување може да се надоместат со правилна употреба на разни видови на расветни тела.