Хортензијата е грмушка која потекнува од Јапонија. Има дрвенести стебленца на
кои растат назабени овални листови и големи топчести цветови. Цветовите може да
бидат бели, розови, во сите нијанси на црвена боја и плави ако се залева со вода во
која има додадено специјална течност на база на алуминиум сулфат (се набавува во
специјализирани продавници). Цвета од јуни до есен.
Посадете ја во поголема саксија или во градината бидејќи може да порасне во
голема, разгранета грмушка. Успева секаде, но веројатно е подобро да ја насадите
во полусенка бидејќи на сонце ќе и треба многу вода. Залевајте ја редовно, во лето
секојдневно, а во зима еднаш седмично и внимавајте да не остане вода во подлошката.
Во текот на раст (од кога ќе почнат да растат нови листови) потребно е да ја
прихранувате два пати месечно, а се препорачува ѓубривото да биде со што помалку
вар.
Откако ќе прецвета треба да се одрежат цветовите и растението да се поткастри.
Одрежете дел од младото стебло (тоа е зеленкаво и со дамки, а старото е дрвенесто)
на два пара листови, а ако одрежете старо стебло ќе изостане цветањето на таа гранка
следната пролет. Тоа направете го само ако е хортензијата преголема или случајно
гранчињата смрзнале. Во тој случај поткастрете ја повеќе на пролет и отстранете ги
тенките и криви гранчиња.
Се закоренува едноставно со резници од врвот или делови од стеблото по кастрење.
Земете дел од стеблото долг околу 10 cm со два пара листови и изданок, отстранете
го долниот пар листови и забодете ја резницата во мешавина од песок и тресет (ако
немате тресет може и само песок) така да листовите бидат допрени до земјата. Чувајте
ја на топло и редовно залевајте ја, но не дозволувајте вода да остане во подлошката.
Исто така е битно да овозможите и добра дренажа. Резниците насадени во пролет ќе
цветаат следната година.
Во областите со блага клима хортензијата може без проблем да презими на отворено,
но во континенталните краеви би требало кога ќе отпаднат листовите да ја сместите во
негреена просторија, како на пример подрум.