Латинското име на лотосот доаѓа од грчкиот збор nymphe што значи нимфа, па веќе од
името може да се заклучи дека се работи за убавина и долговечност.
Лотосот е трајно растение кое расте во вода која стои или тече многу полека. Има
големи листови и убави цветови кои плутаат на водата. Постојат околу 50 видови,
па може да се најдат во разни бои и големини на цветовите и листовите. Најчесто
се сретнува белиот лотос (Nymphaea alba) и некои негови вариетети кои се лесни за
одгледување.
Ако немате езерце во градината, може да го одгледувате и во голем сад со дијаметар
од најмалку 1 m и барем 60 cm длабочина. Садот ставете го на сончево место. За
садење треба да направите мешавина од еднакви делови иловица, компост и крупен
песок. На дното на садот кој може да биде од пластика, дрво или лим, ставете околу
10 cm од мешавината, потоа ставете ја садницата, па уште 5-7 cm од мешавината
и одозгора слој од 2-3 cm чакал. Потоа наполнете го садот со вода. Водата која ќе
испарува треба редовно да се дополнува бидејќи ако е мало растојанието меѓу коренот
и површината на водата се создаваат многу листови, а со тоа се намалува светлината
која допира до дното и не може да се создадат цветови.
Лотосот цвета од средината на пролетта до почетокот на есента. Во доцна есен
одрежете ги листовите, фрлете ја водата, прекријте го дното со тресет и ставете го
садот во подрум, гаража или некое друго заштитено место.
Кога се одгледува во езерце потребно е само да се одрежат листовите. Садницата
оставете ја во водата. Се размножува со делба на коренот во пролет, но дури по три
години кога ќе биде посилно.
Интересно е што лотосовиот цвет е отворен само ако е сончев денот, а ако го искинете
ќе се затвори и повеќе не ги отвора своите латици.